Консултации со Европската Делегација за Програмата на Економски Реформи 2022-2024
На 18.02.2022 Бизнис Конфедерација на Македонија учествуваше на консултациите на Европската Делегација за Програмата за економски реформи 2022 – 2024 година со социјалните партнери и професионалните здруженија.
На овие консултации се разговараше за предизвиците и проблемите во соодветните области, кои влијаат врз зголемување на конкурентноста и економскиот раст на земјата, како и на создавањето на работни места.
Како клучни предизвици коишто повлекуваат неопходни реформи заради обезбедување инклузивен и одржлив економски раст на среден рок се истакнати следните: 1) зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој, 2) потхранување зелена транзиција и 3) подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивната интеграција во глобални вредносни синџири и формализација на економијата.
Третиот предизвик се однесува на подобрување на продуктивноста на домашните претпријатија заради зголемување на нивната конкурентност и со тоа нивна полесна интеграција во глобалните вредносни синџири, како и намалување на големиот неформален сектор заради сузбивање на нелојалната конкуренција и зголемување на наплатата на јавните приходи. Продуктивноста на домашните претпријатија беше значително погодена со пандемијата на коронавирус, којашто предизвика намалена побарувачка за производи и услуги, намалена доверба во партнерите во синџирите за понуда и нарушувања во снабдувањето со суровини.
„Социјалниот дијалог во Република Северна Македонија бележи значително подобрување. Ова е постигнато благодарение на вложените напори и имплементирани проекти на Меѓународната Организација на трудот и соработката со социјалните партнери. Со ова исто така се подобрува и влијанието на организациите на работодавачи. Сметаме дека потребна е поголема и дополнителна хармонизација на програмата за економски реформи со програмата на владата во поглед на разните микро и макроекономски прашања што таа ги опфаќа. Недостатокот на комуникација и соработка меѓу централната и локалната власт мора да се подобри за иницијално да се овозможи поголем социо-економски развој на локално, па потоа на национално ниво.“ , истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија