Интегриран пристап на водење бизнис од правен аспект
✍Адвокат д-р Филип Ристески – основач на адвокатска канцеларија Ристески, доктор на науки од областа на деловното право
Поставувањето и водењето на бизнисот во корелација со позитивните законски норми и интересите на бизнисот има клучно значење за неговата долгорочната одржливост и флуентно функционирање. Практичните искуства покажуваат дека предвидувањето, превенирањето и ублажувањето на потенцијалните проблеми кои неминовно се јавуваат во секојдневното работење има круцијално значење за развојот, а понекогаш и за самиот опстанок на бизнисот. Во оваа насока ќе укажеме на некои клучни поставки на кои секој претприемач треба да внимава за кои искуствата покажуваат дека не секогаш се пристапува интегрирано, туку често се забележува селективен пристап.
- Правилна поставеност на одредбите на актот за инкорпорирање на субјектот.
- Регистрација на правата од индустриска сопственост.
- Правилна поставеност на работните односи и значење на договорот за вработување.
- Поставеност на должничко-доверителските односи и значењето на навремената реакција и активното следење на наплатата на побарувања.
- Познавање на даночната регулатива.
Нашите искуства во секојдневното работење на адвокатската професија и давање правна помош за нашите клиенти укажуваат дека овие пет прашања се изворот на преку 90% од проблемите со кои се соочуваат нашите клиенти, односно истите произлегуваат како последица на изолиран или нецелосен пристап на уредување на истите. Во продолжение ќе направиме краток осврт кон овие прашања.
Актот за инкорпорирање, односно основачкиот акт на друштвото исклучително често се става во спореден план, односно речиси сите трговски друштва користат “copy-paste” одредби при основање на друштвата, без да се става акцент на конкретните потреби, визијата и планот за развој на бизнисот. Значењето на одредбите на основачкиот акт особено доаѓа до значење кога друштвата се основаат од двајца содружници со еднаков основачки капитал “50%-50%“, па неминовно во работењето на друштвото истите се соочуваат со моментите на носење на одлуки, вреднување на правото на глас, правото на распределба на добивката, правото на распределба на масата во случај на затворање на друштвото, определување на потенцијални ограничувања во управување со друштвото итн. Правилната поставеност на основните прашања за интерното функионирање на друштвото е основата за флуентно работење во надворешните односи на друштвото, особено во овие ситуации, бидејќи таквата поставеност “50%-50%“, може да биде “погубна“ за друштвото и да доведе до неможност за одлучување поради рамноправноста на содружниците.
Во продолжение, ќе се надоврзиме на неопходноста од регистрација на правата од индустриска сопственост за кои кај голем дел од бизнисите не постои свест за значењето на овие регистрации. Тука, ќе го истакнеме значењето на трговската марка како право од индустриска сопственост кое најфрекфентно подлежи на регистрaција и секое правно лице треба да ја има извршено оваа регистрација како би ги заштитило своите економски интересите при оперирањето во правниот промет. Регистрацијата на трговската марка дава ексклузивитет при користење на одреден знак, односно одреден бренд по кој трговското друштво или производите/услугите кои истото ги пласира во правниот промет ќе бидат препознаени од страна на клиентите. Недостигот на ваква регистрација, секогаш остава поле за злоупотреба на брендот од страна на трет субјект кој може во одредена фаза да се појави во правниот промет со истиот бренд и да “одземе” дел од пазарот или направи забуна кај потрошувачите преку пласирање на производи со ист бренд, а со многу полош квалитет, што остава долгорочни последици за перцепцијата на брендот кај потрошувачите, а консеквентно причинува и огромни економски последици. Покрај трговската марка, само ќе ги споменеме и останатите права од индустриска сопственост односно патентот, индустрискиот дизјан, ознаката на потекло и географската ознака.
Покрај овие основни прашања кои подлежат на регистрација, од исклучително значење е поставеноста на односите помеѓу друштво и своите вработени. Основен акт за засновање на работен однос во кој се уредуваат овие прашања е договорот за вработување за кој исто така можеме да кажеме дека често во пракса се склучува по “урнек“, без детално елаборирање на секој конкретен двостран однос со секој вработен. Овој договор, во корелација со позитивните норми од трудовото право, генерира права и обврски за двете страни на кои треба да се пристапува исклучително внимателно, бидејќи неможноста за исполнување на истите често пати повлекува судски постапки кои доведуваат до непланирани трошоци во работењето на друштвото и непродуктивно потрошени работни часа.
Внимателниот пристап при впуштање во двострани односи е исклучително значаен и во должничко-доверителските односи. Познавањето на другата страна и познавањето на пазарот се двете основни информации за правилно одлучување при впуштање во одреден должничко-доверителски однос. За жал, секојдневното заведување на судски постапки за наплата на побарувања во нашата канцеларија ни укажува дека недоволно се става акцент на овие прашања кои консеквентно јавуваат сериозни последици во ликвидноста на работењето на друштвата, поради што апелираме на внимателен и професионален пристап кон овие прашања, во соработка со стручни лица, бидејќи последиците од лекомислено впуштање во овие односи често доведуваат до презадолженост и престанок на бизнисите преку стечајна постапка. Во оваа насока, како би се избегнале потенцијални проблеми и со државните институции за регулација на јавните приходи, инспекциските надзори итн. апелираме на внимателен и професионален пристап во даночното работење на друштвата.