Дигитализација во Македонија: Предизвици и можности за подобрување
Осврт кон процесот на дигитализација во земјата:
Потребата за дигитализација во нашата земја беше препознаена на време, беа преземени сериозни чекори во тој правец, додека свеста беше поткрената на завидно ниво.
Дел од јавните претпријатија и приватните компании воведоа нови системи на работење уште кон крајот на 80-те и раните 90-ти години: персонални компјутери, системи за финасиско и материјално работење, итн…
Електро и Машинскиот факултет, отсекогаш произведувале кадри со одлични познавања во оваа област или со отворени погледи кон иднината, и кон она што таа носи.
Оттука произлегоа моќни компании во ИТ секторот, дел од кои и ден денес постојат и котираат солидно на светските пазари, како и имиња кои и денес се препознатливи штом се споменат.
При креирањето на МАСИТ во раните 2000-ти, постоеше иницијатива со капацитет Македонија да ја постави како лидер на Балканот во ИТ индустријата.
Но, нешто патем се случи и од една завидна позиција, се соочуваме со момент во кој повторно треба да се врши едукација на тема „Потреба од дигитализација и што е тоа!”
Нивото на дигитализација во земјата е сè уште релативно ниско, со значителен простор за подобрување, особено кај малите и средни претпријатија (МСП).
На пример, јавниот сектор во Македонија е водечки во однос на дигитализацијата, при што многу владини агенции спроведуваат решенија за е-Влада и за подобрување на ефикасноста и транспарентноста. Граѓаните сега можат да пристапат до широк опсег на јавни услуги преку интернет, како што се аплицирање за лични карти, пасоши и возачки дозволи, плаќање даноци и поднесување различни апликации. Дополнително, Владата има покренато неколку иницијативи за промовирање на дигитални вештини и претприемништво, како што е основањето на Центар за дигитални иновации во 2018 година, кој обезбедува поддршка и обука за стартапи за мали и средни претпријатија.
И покрај напорите во јавниот сектор, сè уште има одредени предизвици со кои се соочува истиот во однос на дигитализацијата. Еден од најголемите проблеми е недостатокот на дигитална инфраструктура, особено во руралните области, што го отежнува пристапот на граѓаните до онлајн услугите. Дополнително, во земјата има недостиг од квалификувани ИТ професионалци, што создава дополнителен предизвик да се развиваат и одржуваат дигиталните решенија. Можеби квалификувани професионалци постојат, но пазарната цена на истите е многу над нивото на цена на услуги што може Македонија да си го дозволи и истите ги даваат своите услуги кон странските пазари.
И во приватниот сектор ситуацијата е слична. Македонската Влада има спроведено неколку иницијативи за промовирање на дигитализација меѓу малите и средните претпријатија, како што е обезбедувањето на финансирање и поддршка на проекти за дигитализација и програми за обука.
Но, очигледно, земајќи го предвид фактот дека особено малите и средните претпријатија заостануваат во однос на дигитализацијата, досегашните иницијативи се недоволни.
Според извештајот објавен од Европската комисија во 2020 година, само 9% од малите и средните претпријатија во Македонија ги продаваат своите производи или услуги преку Интернет, а само 22% ги користат социјалните медиуми за да го промовираат својот бизнис.
Ова ниско ниво на дигитализација се должи на неколку фактори, како што се недостаток на свест за придобивките од дигитализацијата, недостаток на дигитални вештини и недостаток на финансиски ресурси.
Постои и наратив дека се нема доволно средства и дека квалитетните ИТ решенија се преголемо финасиско оптеретување за приватните бизниси. Сè уште постои и факторот на отпорност кон промени кај поединци и скептичност за придобивките од дигитализацијата. Некои компании можеби не сакаат да инвестираат во дигитални технологии, самите немаат дигитални вештини или ја потценуваат важноста на дигитализацијата во денешниот деловен свет.
Впрочем, одговорно може да се каже дека ова се само изговори, додека вистината е сосема спротивна. Доколку овој сектор продолжи да се држи до ваквите изговори, ќе преживеат само оние кои точно го направиле потребното и наместо во ергела од автомобили, инвестирале во модернизирање и комплетна дигитализирана систематизација на работа.
Имајки го ова во предвид, приватниот сектор е оној каде интервенцијата е најмногу потребна.
Долг е патот кај малите и средни претпријатија да го достигнат нивото на дигитализација на големите компании, да излезат од сенка и да бидат во тек со светските модерни промени во водењето на бизниси.
Но, секоја инвестиција во дигитализација на деловното работење и прифаќање на новите светски трендови на тргување (понуда и побарувачка) по дигитален пат, се решенија кои на долгорчен план ќе донесат финасиски бенефит и стабилност во раководењето на постоечкиот бизнис.
Повторна едукација и верба во модерните решенија, прифаќање на реалноста, а не бегање од истата. Спроведување на кампањи за подигање на свеста, како и образовни програми преку кои ќе се промовираат придобивките од дигитализацијата со што ќе се поттикнат што е можно повеќе поединци да ја прифатат.
И многу важно, иницијативата за дигитализација не треба да биде кампањска и да се повторува секои 10 години (ова доаѓа кога имплементираните алатки од претходната кампања ќе остарат до ниво на неупотребливост), туку треба да претставува константен процес и култура на однесување, делување и живеење.
Како заклучок може да се каже следново. Македонија ја препознава важноста на дигитализацијата и презема чекори за нејзино промовирање во последните години. Но и покрај тоа, сè уште постојат предизвици со кои се соочуваат и јавниот и приватниот сектор, како што се недостаток на дигитална инфраструктура, недостиг од квалификувани ИТ професионалци и недостаток на свест за придобивките од дигитализацијата.
За да се надминат споменатите предизвици, потребно е да се направи повеќе во делот на промоција на дигиталните вештини како дел од современото претприемништво и да се обезбеди достапно финансирање и поддршка на проекти за дигитализација.
Со ваквиот пристап, Македонија би имала потенцијал да се приближи до останатите европски земји во однос на дигитализацијата и да ги искористи придобивките што таа ги носи.
Состојба во образованието:
Што се однесува до нивото на дигитализација во образовниот систем, училиштата во Македонија постигнаа одреден напредок во последнитe години. Многу училишта сега имаат компјутери, пристап до интернет и дигитални ресурси. Се лансираа неколку платформи за е-учење и дигитални учебници, кои го прават учењето поинтерактивно и попривлечно за учениците. Дополнително, Владата покрена неколку иницијативи за промовирање на дигиталните вештини кај учениците, како што се клубови за кодирање и натпревари.
Сепак, напорот во трансформацијата е недоволен. Од една страна инвестициите во дигиталната инфраструктура и ресурси во руралните области е незначителна, а од друга страна и во градските средини достапната технологија не се користи ефективно во наставата.
Уште еден од предизвиците со кои се соочуваат училиштата е недостатокот на дигитални вештини кај наставниците, што може да ја ограничи нивната способност да ги интергрираат дигиталните технологии во нивните часови.
Мора да се каже дека постои основа која може да се надогради, како и одредени позитивни движења во образовниот систем. Но, има уште многу да се одработи за целосно интергрирање на дигиталните технологии во образовниот систем. Застарената технологија мора да се замени, односно модернизира. Постои потреба од повеќе инвестиции во дигиталната инфраструктура и ресурси, особено во руралните области, со цел сите ученици да имаат пристап до истите дигитални алатки. Континуирана едукација на наставниот кадар, обуки и подигање на свеста за целосно интегрирање на дигиталните технологии во образовниот систем и за подготовка на учениците за дигиталниот свет во кој веќе се влезени.
ИТ Компании во земјата
Постојат многу ИТ компании во Македонија кои обезбедуваат услуги на странските пазари, но не се дел од процесите за дигитализација во земјата. Нивното ангажирање во напорите за дигитализација може да биде од голема корист, но мора да се изнајде правата формула како да бидат ангажирани. Можат да се издвојат неколку можности:
Соработка со универзитети: ИТ компаниите можат да соработуваат со универзитетите за да креираат програми за практикантска работа или да спонзорираат истражувачки проекти со фокус на дигитализацијата. Ова може да им помогне на студентите да развијат дигитални вештини и да стекнат искуство и воедно да им користи на ИТ компаниите при потрагата на нови таленти.
Партнерство со приватни компании (мали и средни предпријатиа – SME сегмент): ИТ компаниите можат да влезат во соработка со домашните бизниси со цел да им помогнат во дигитализацијата на нивните операции и процеси. Ова може да вклучува создавање веб-страници, развој на платформи за е-трговија или имплементација на стратегии за дигитален маркетинг. Помагајќи им на локалните бизниси да станат дигитални, ИТ компаниите можат да создадат нови пазари за нивните услуги и да придонесат за растот на локалната економија.
Работилници и програми за обука: ИТ компаниите можат да организираат работилници и програми за обука наменети за локални бизниси и владини претставници, со цел да ја подигнат свеста кон придобивките од дигитализацијата и да ги споделат најдобрите практики. Ова секако може да биде добра можност за ИТ компаниите да ги промовираат своите услуги, експертиза и продукти.
Соработка со владини институции: ИТ компаниите можат да соработуваат со владините институции во развијот на дигитални решенија за јавни услуги. Можеби овој сегмент е и најразвиен, но сепак далеку од идеален. Овде проблемот повторно се сведува на човечки фактор, каде одреден број од корисниците – вработените, одбиваат во целост или делумно да користат нова технологија која е веќе имплементирана и се потрошени значајни финасиски средства за нејзино креирање и одржување.
Финасиски средства за ИТ и ИКТ решенија како потенцијална бариера
Голем демотивирачки фактор за ИТ компаниите да соработуваат на домашниот пазар, а воедно и како пречка кон патот за соодветна дигитализација во земјата е секако цената на чинење и потребните финасиските средства. ИТ и ИКТ решенијата може да бидат прилично скапи, посебно ако се квалитетни и во целост ги покриваат потребите на корисникот. Сепак, постојат неколку начини за премостување на овој проблем:
Решенија со отворен код (Open source solution) : Овој модел на софтвер е бесплатен за употреба и може да се приспособи да одговара на специфичните потреби на одреден бизнис или институција. Ова може значително да ги намали трошоците за имплементација на соодветните дигитални решенија.
Решенија базирани на “Cloud”: Овие видови на решенија можат да бидат поисплатлива алтернатива од традиционалните решенијa бидејќи бараат помалку трошоци за хардвер и одржување. Станува збор за скалабилни решенија, каде што трошокот ќе се сведе кон плаќање на потребните ресурси.
Јавно-приватни партнерства: Ова е добар модел за споделување на трошоците за имплементација на дигитални решенија. На пример, владина институција може да биде партнер со ИТ компанија за развој на дигитална платформа, а трошоците во овој случај би биле поделени меѓу двете страни. Бенефитот би бил двостран и на долгорочна основа.
Грантови и можности за финансирање: Често постојат грантови и можности за финансирање достапни за бизниси и владини институции кои сакаат да имплементираат дигитални решенија. Ваквите грантови или финасиски инекции можат да помогнат во надомест на некои од трошоците поврзани со процесите на дигитализација.
Обука и градење капацитет: Градењето дигитални вештини кај вработените може да помогне да се намалат трошоците поврзани со имплементација на дигитални решенија. Со инвестирање во обука и градење капацитети, бизнисите и владините институции можат да развијат сопствена внатрешна експертиза, намалувајќи ја нивната зависност од скапи надворешни консултанти.
Како заклучок, може да се изведе дека иако трошокот за имплементација на дигитални решенија е предизвик, сепак постојат начини да се ублажат овие трошоци и да се направи дигитализацијата поприфатлива и достапна како за приватниот така и за јавниот сектор.
Но, треба да се има во предвид она што го видовме во изминативе децении, а тоа е дека нè следи колективна амнезија и постојано ги дилетираме оние нешта кои веќе сме ги постигнале во минатото. Секоја нова генерација почнува одново, или дури 3 чекори поназад од претходната. Интересот никако да остане кон градење на комапниите и нивно унапредување туку упорно се сведува на подобри автомобили, мобилни уреди (што некои упорно го сметаат како дигитализација), аксесоари, луксузен живот…итн.
Последователно на ова е бројот на комапнии кои пропаднале веќе во обем на историски рамки. Константното повторување на грешките од претходните незавидни примери и отсутноста на свест дека секоја компанија е живо битие со животен век и развојни потреби, доведуваат до неизбежен колапс.
На долг рок, ваквите примери имаат директен, негативен ефект кон целокупната економија на друштвото и државата.
Затоа, можеби најпотребно е да се инвестира во подигнување на колективната свест и образование кон трендовите кои се тука и полека нè одминуваат, додека ние стоиме на станица чекајки да дојде возот кон успехот.