ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ КАКО КОНКУРЕНТСКА ПРЕДНОСТ
✍ Сергеј Зафироски – Генерален менаџер на агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД
Отворањето на Македонската економија за се повеќе компании, но и можностите за домашните компании на Европскиот пазар значително ја менуваат бизнис климата во земјата. Македонскиот пазар е мал и финансиски ограничен, што ја наметнува потребата кај компаниите постојаното да изнаоѓаат начини за одржување раст и развој. Бизнис моделите кои што компаниите ги користеа пред десет години се сега приближно неупотребливи и застарени. Самата динамика на пазарите е значително различна што ја наметнува потребата од инкорпорирање на промената во стратегискиот модел на компанијата. Целосно е променет начинот на водење на бизнис, особено во делот на носење одлуки, стратегија и приспособување на промени. Пред само 15-тина години, дел од клучните активности денес, воопшто не постоеја. Социјалните медиуми, YouTube и воопшто интернетот без кои што денес не може да се замисли работење на една компанија, без разлика на индустријата, воопшто не се ни споменуваа.
Централен дел на целата промена се информациите кои се на располагање и брзината со која што се случуваат промените, кои се повторно предизвикани од информациите. Колку што времето помеѓу појавување на податокот, негова обработка во информација, и креирање на реакција од компанијата е пократко, толку веројатноста за успех е поголема. Компанија која што не располага со податоци за однесувањето на потрошувачите, задоволство на вработените, трендовите на пазарот, интерните промени и процеси, конкуренцијата, законски измени и тоа пред конкурентите и новите компании, со голема веројатност нема да има успех на пазарот. Спротивно на тоа тие кои што ги имаат на располагање податоците имаат значајна конкурентска предност.
Генерално постојат четири главни алтернативи за сериозен раст на домашните компании. Првата е интернационализација преку настап на нови регионални и глобални пазари и втората е оптимизација на процесите но растот со користење на таа алтернатива е ограничена поради малиот домашен пазар. Третата е хибрид од претходните две, односно паралелна оптимизација на процесите со започнување на интернационализација. Четвртата е здружување на компании од исти но и различни сектори за заеднички настап на странските пазари.
Во крајна линија, за компанијата да се одржи, креира конкурентска предност и одржлив долгорочен раст е потребно да располага со информации за секој аспект од работењето пред конкуренцијата. За успешна интернационализација е потребно да се познава однесувањето на потрошувачите и компаниите на таргетираниот пазар, но и да се анализира кој модел е најсоодветен да се спроведе процесот. За успешна оптимизација на процесите е потребна анализа на интерните процеси и дефинирање на просторот кај што е можна таа оптимизација. Здружениот настап на повеќе компании само олеснува дел од анализите бидејќи се дели одговорноста и процесот, но во таква ситуација се потребни повеќе истражувања и информации за задоволување на барањата на секоја поединечна компанија. Искуствено, единствено континуирано воспоставен систем, без разлика дали е интерен или се користи екстерна експертиза за истражување и обработка на информации може да овозможи континуиран развој.
Континуираните истражувања и анализа на податоците со кои што располагаат компаниите се најзначајното средство со кое тие можат креираат конкурентска предност. Вложувањето на Македонските компаниите во истражување и развој како и воспоставување на процеси кои обезбедуваат континуирана обработка на информации значително заостанува во регионот. Сеуште таквите активности се класифицираат како трошок кој што компаниите треба да го прават во “добри денови” или како ставка на маркетинг.
Истражувањата и информациите треба да се база врз која што ќе се креира стратегијата на бизнисот. Како пример, по промена на однесувањето на потрошувачите кое што компанијата не го предвидела, истражувањето може само да ја дефинира промената и зашто е таа настаната, но просторот за приспособување и/или заземање на позиција на активно креирање на трендот на компанијата е намален. Едноставно други компании го дефинирале и навремено го “фатиле” трендот. Детектирање на промената пред таа да настане, отвара можност за рано приспособување и во многу ситуации значително профитирање од истата. Детектирање на промени или неисполнети желби кај потрошувачите овозможува компанијата да пласира нов производ/услуга, подобрување на моменталниот асортиман, зголемување на задоволството на клиентите, обртот и интензитетот на купување. Всушност истражувањата имаат директен ефект на целата стратегија и работење на компанијата.
Настап на интернационален пазар со истражувања за финансиската големина, однесувањето на потрошувачите, конкуренцијата и културолошките разлики значително ја зголемува веројатноста за успех. На таков начин компанијата ќе ги надмине или дефинира најголемиот дел од препреките пред започнување со реални активности.
Во крајна линија, домашните компании треба да започнат со интензивно користење на податоците и истражувањата во стратегиите и развојот на бизнисот. Со сигурност тоа ќе предизвика значително унапредување на активностите и ќе ги зголеми приходот и профитабилноста.