Примена на науката и најновите научни достигнувања во прехрамбената индустрија
✍Златко Еделински – Сопственик на КОНТИМ
Неизбежен е циклусот на развој на производи од прехранбената индустрија со примена на науката и најновите научни достигнувања.
Денес, развојот на нови производи е препознаен како клучна активност за зајакнување на секоја прехранбена индустрија и го опфаќа целиот процес од идеја до крајниот изглед на производот. Од друга страна во континуитет постои свест дека барањата на потрошувачите постојано се менуваат.
Новите научни сознанија, во синергија со потрошувачите имаат потенцијал значително да ја зголемат потребата од иновации во прехранбената индустрија, а со тоа и успехот на пазарот.
Создавање на услови за иновации, трансфер на знаење и подобра соработка меѓу науката и преработувачката индустрија се неопходни и вредни за спроведување на оваа цел. Воедно со тоа би се овозможило и да се зајакнат истражувачките потенцијали и иновацискиот капацитет на релевантните научни институции во државата.
Затоа, потребно е да се отворат нови погледи на домашната преработувачка индустрија, односно да се настојува да се ревитализира прехранбената индустрија преку нејзино запознавање со најновите достигнувања и трендови од областа на науката за храна. Поточно, со примена на области на новите процесни технологии, запознавање со побарувањата на потрошувачите, примена на современи инструментални техники за анализа на квалитет и друго, науката ќе се насочи и фокусира кон создавањето на нови, иновативни и функционални прехранбени производи со додадена вредност .
Подобрување на постојното знаење во врска со сите аспекти на развојот на прехранбените производи зависи од изборот на суровини и тестирањето на нивното влијание врз здравјето на потрошувачите, преку формулација на прехранбени производи, примена на нови процесни технологии до проценка на прифаќањето од потрошувачите на истите.
Идејата се препознава во основата на секоја научноистражувачка работа, а предизвик би бил нејзината реализација, и тоа во неколку фази:
- Првата фаза предлага да се идентификуваат целни преработувачки капацитети за производство на прехранбени производи со потенцијал за примена на науката во насока на креирање и пласман на нови иновативни производи како за домашниот пазар така и за пазарите со извозен потенцијал.
- Втората фаза е користење на подготвен сет на информации за јакнење на свест и добивка во соработка со научно истражувачките институции која би се рeализирала низ директни средби со претставници на потенцијални компании од преработувачкиот сектор кој треба да ги применува и реализира предвидените активности за производство на новите производи.
- Следната, трета, фаза би била реализацијата на пилот проект со сет на предложени, одобрени и прифатливи научноистражувачки активности во идентификувани преработувачки капацитети од различни индустрии, сектори и гранки
– Индустрија за преработка на овошје и зеленчук
– Кланична со индустрија за преработки и подготовки од месо
– Млечна индустрија
– Пекарска индустрија
Примената на науката може да се насочи во повеќе насоки, но најмногу потенцијал за апсорпција на истите би биле со вкрстување на активности за креирање на производи помеѓу преработувачките капацитети за зеленчук од една страна и капацитети за преработка на месо или истите со помош на науката да бидат насочени како:
- индустријата за зеленчук во функција на месната индустрија и обратно
Во ова вкрстување има голем потенцијал за примена на науката во правец на создавање на иновативни проиаводи спремни за консумација од типот „ready to coock“ – подготвено за готвење со минимум доработка или „ready to eat“ подготвено за јадење за директна консумација.
Една од причините за изборот на овие индустрии е секако вишокот на голем број зеленчуци кои не може да се пласираат како свежи или се втора и третта класа на зеленчуци кои немаат вредност како такви, но со доработка во комбинација на некои месни подготовки добиваат додадена вредност и како нови и иновативни производи со квалитетен дизајн на пакување може да станат конкурентни производи на целните пазари (готвени јадења од јагнешко и овчо за муслимански пазари, готвени јадења од пилешко месо за регионални пазари и слично).
Друг потенцијал за примена на науката во функција на преработувачките капацитети е:
- индустријата за овошје и зеленчук во функција на пекарската индустрија и обратно
Во капацитетите на овие индустрии има можност за вкрстување во насока на искористување на вишокот на овошја и зеленчуци за производство на полнети пекарски производи со таканаречени термостабилизациони филови/полнења (во разни пецива од типот на кроасани, пити, колачи и слично).
Воедно не помалку значајна ќе биде и можноста да се примени науката во насока да се осмислат начини како храната да биде поздрава, односно да биде функционална храна која би имала позитивно физиолошко влијание врз здравјето на луѓето и придонесува за намалување на ризикот од болести.
Дополнително, науката може и треба своето знаење да го насочи и кон секундарните производи, тие се особено интересни поради трендот на замена на вештачките со природни супстанции во прехранбената индустрија, но и дополнителната вредност што ја имаат, а тоа е нивната биолошка активност, т.е. позитивен ефект врз здравјето на луѓето.