Законот за работни односи ги регулира начините на престанок на работниот однос. Па така, Согласно овој закон, договорот за вработување престанува да важи:
- со изминување на времето за коешто бил склучен;
- со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице);
- поради престанување на работодавачот согласно со закон;
- со спогодбено раскинување;
- со отказ;
- со судска пресуда и
- во други случаи утврдени со закон
Договорите за вработување на определено работно време престануваат да важат со изминувањето на рокот за којшто биле склучени, односно кога договорената работа е завршена или со престанувањето на причината, заради којашто бил склучен.
Дополнително, во Глава 7 од Законот за работни односи, се регулира и откажувањето на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот. Договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок. Во случаите определени со закон, договорните страни можат да го откажат договорот за вработување без отказен рок. Секоја од страните може да го откаже договорот за вработување само во целост. Работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување. Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина). Работникот и работодавачот можат да го откажат договорот за вработување во случаи, односно од причини определени со закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување.
За пристап до обрасци потребни за законско спроведување на постапката за објавување на слободни работни места логирајте се.