БКМ Цели за Одржлив Развој

slikaAB

Цели за одржлив развој (The Sustainable Development Goals) претставуваат универзален спој на цели кои се насочени кон придонесување кон напорите за постигнување на поодржлива средина во секое ќоше ширум светот. Тие произлегоа како резултат на Конференцијата Рио+20 и потребата за усвојување на универзална рамка која ќе се прошири во Цели за милениумски развој (Millennium Development Goals – MDGs) кои истекуваат кон крајот на оваа година, и со цел да се оформи агендата за развој на национално, регионално и интернационално ниво во следните 15 години. Целите за одржлив развој се усвоени во септември 2015 год. од страна на земјите-членки на ОН на Самитот на ОН во Њу Јорк, и започнаа да се имплементираат од Јануари 2016.
Предлозите за цели за одржлив развој беа развиени од страна на Отворена Работна Група со претставници од над 70 земји, а крајниот нацрт на 17-те цели за одржлив развој беа објавени во јули, 2014 и беа презентирани на Генералното собрание на ОН во септември истата година. Предлозите беа поставени врз основа на најголемите консултации кои некогаш биле спроведени во историјата и оа преку 11 тематски консултации, 83 национални консултации и истражувањето направено преку платформата Мојот Свет.
Важно е да се гледа на целите како на нешто повеќе од само универзален сет од цели кои треба да се постигнат во наредните 15 години. Тие би можеле да се перцепираат како поттик кон стимулирање на дијалог, партнерство и заеднички активности на граѓани, групи, движења, организации и институции кои ќе работата на различни цели за да постигнат оформување на простор, иницијатива и промена која позитивно ќе влијае на развојот на граѓаните, заедниците, градовите.
БКМ ја потенцира заложбата за зајакнување на меѓународната соработка во насока на справување со постојаните предизвици во врска со одржливиот развој на сите, а особено на земјите во развој. Во тој поглед, таа повторно ја нагласува и потребата од постигнување економска стабилност, одржан економски развој, промоцијата на општествената правичност и заштитата на животната средина, зајакнувајќи ги истовремено родовата еднаквост, еманципацијата на жените и еднаквите можности за вработување за сите, како и заштитата, опстанокот и остварувањето на целосниот потенцијал во развојот на децата, вклучително и преку образованието.
Секоја поединечна земја ја сноси основната одговорност за сопствениот економски и општествен развој и во тој поглед не може, а да не се нагласи улогата на политиките кои се спроведуваат на национално ниво, како и на домашните ресурси и развојните стратегии. Земјите во развој имаат потреба од дополнителни ресурси за остварување одржлив развој. Исто така, постои и потреба од значајно впрегнување на ресурсите кои доаѓаат од најразлични извори, но и од делотворна употреба на финансиските средства.

БКМ го поздравува обврзувањето на индустријализираните земји на поголема одговорност, но предупредува од премногу голем оптимизам. Прашање е какви обврски ќе имаат државите, а особено во која мера сите тие земји ќе прифатат да ги исполнуваат обврските под контрола на ОН.
Спроведувањето на целите за одржлив развој ќе зависи од воспоставувањето едно светско партнерство за одржлив развој во кое ќе бидат активно вклучени како владите, така и граѓанските организации, приватниот сектор и системот на Обединетите нации.
Овие цели претставуваат еден интегрално оформен и неделив пакет на светски приоритети за постигнување на одржлив развој. Поодделните задачи во нивните рамки се определуваат и како такви претставуваат желби за остварување на определени цели на глобално рамниште, при што владите на сите поединечни држави треба си постават свои национални задачи за исполнување кои ќе се водат од светските аспирации за нивно исполнување, но истовремено ќе ги земат предвид околностите на домашно ниво.
БКМ го препознава податокот дека луѓето се тие кои се наоѓаат во фокусот на одржливиот развој и, во таа насока, се стреми кон градењето еден праведен, правичен и инклузивен свет и се обврзува да работи заедно со сите заинтересирани чинители на промоцијата на одржан и инклузивен економски раст, општествен развој и заштита на животната средина и со тоа да создадеме придобивки кои ќе ги почувствуваат сите кои живеат во него.

Цели за одржлив развој

  • Цел 1. Да се елиминира сиромаштијата во сите нејзини облици насекаде во светот
  • Цел 2. Да се елиминира гладот, да се постигне прехранбена безбедност и подобрена ухранетост и да се промовира одржливо земјоделство
  • Цел 3. Да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите од сите возрасти
  • Цел 4. Да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и да се промовираат
    можностите за доживотно учење за сите
  • Цел 5. Да се постигне родова еднаквост и да се еманципираат сите жени и девојки
  • Цел 6. Да се обезбеди достап и одржливо управување со вода, како и санитарни услови за сите
  • Цел 7. Да се обезбеди пристап кон ценовно достапна, сигурна, одржлива и современа електрична енергија за сите
  • Цел 8. Да се промовира одржан, инклузивен и одржлив економски раст, целосно и плодотворно вработување и пристојна работа за сите
  • Цел 9. Да се изгради издржлива инфраструктура, да се промовира инклизивна и одржлива индустријализација и да се поттикнува и негува иновативноста
  • Цел 10. Да се намали нееднаквоста во и меѓу различните земји
  • Цел 11. Градовите и човековите населби да се претворат во инклузивни, безбедни, издржливи и одржливи средини
  • Цел 12. Да се обезбедат одржливи обрасци на потрошување и производство
  • Цел 13. Да се преземат итни мерки за борба со климатските промени и нивните влијанија*
  • Цел 14. Да се сочуваат и да се искористуваат на одржлив начин земјините океани, мориња и морски ресурси во насока на постигнување одржлив развој
  • Цел 15. Да се заштитат и обноват копнените екосистеми и да се промовира одржливо искористување на истите, да се управува на одржлив начин со шумите, да се влезе во костец со дезертификацијата на земјиштето и да се сопре и спречи деградацијата на почвата, како и да се спречи загубата на биодиверзитетот
  • Цел 16. Да се промовираат општества кои се мирољубиви и имаат инклузивен пристап кон одржливиот развој, да се обезбеди пристап до правдата за сите и да се изградат делотворни, отчетливи и инклузивни институции на сите рамништа
  • Цел 17. Да се зајакнат средствата за спроведување на програмите на светското партнерство за одржлив развој и да се ревитализира истото
Show Buttons
Hide Buttons