Бизнис конфедерација на Македонија во соработка со Институт за менаџмент поддршка и Асоцијација на Бизнис жени на Македонија, во рамки на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, во текот на 2017 година ќе спроведува проект за поддршка при вработување и само-вработување на самохрани мајки.

Проектот првенствено ќе ги опфати жените кои живеат на територија на Скопје, Штип и Битола, меѓутоа можност да се вклучат ќе добијат и заинтересирани лица кои живеат во регионите кои гравитираат кон овие подрачја.

Целна група:

  • Самохрани невработени мајки кои живеат на територија на Скопје, Штип и Битола;
  • Невработени жени, жртви на семејно насилство;

 Цел на програмата:

Да се развие модел за поддршка на самохрани мајки и жени жртви на семејно насилство во процесот на нивно вработување и само-вработување;

Eлементи на проектот:

  1. Едукативна програма за вработување и само-вработување

Едукативната програма се состои од 5 последователни обуки (модули) со цел учесничките да развијат основни професионални и претприемнички вештини.

Модул 1. Професионална комуникација.

Модул 2. Mенаџмент

Модул 3. Тимска работа

Модул 4. Управување со луѓе, задачи и време

Модул 5.  (се бира под А или Б)

А. Вештини за вработување (изработка на CV, мотивациско писмо, анализа на можности за вработување, подготовка за интервју), или

Б. Започнување бизнис (анализа на пазар, идентификација на можности за бизнис и развивање на бизнис план)

  1. Вокационен тренинг

Врз основа на истражување за потребите за работници на локалната бизнис заедница во секоја од локациите каде ќе се одвива проeктот ќе бидат идентификувани моменталните побарувања за вештини кај вработените, врз основа на што учесничките на проектот ќе добијат конкретни вештини за работа, а понатаму и можност директно да конкурираат за работно место кај работодавачите во нивната локална заедница.

  1. Менторство

На учесничките кои ќе бидат заинтересирани за започнување на сопствен бизнис ќе им биде назначена менторка – успешна жена претприемач, која на индивидуални средби во период од неколку месеци ќе ги советува и насочи во процесот на идентификација на бизнис можности, отварање на сопствен бизнис, овозможување на контакти со потенцијални бизнис партнери, претставување пред клиенти и останати совети во процесот на започнување на самостоен бизнис.

  1. Психосоцијална поддршка

Сите учеснички ќе добијат можност да се вклучат во групен процес на поддршка каде искусни социјални работници и психолози ќе работат со нив со цел зголемување на самодовербата, мотивираноста и истрајноста при барање работа и започнување сопствена компанија.

Во рамки на проектот ќе се развијат следниве прирачници:

  • Информативни брошури за вработување и само-вработување (наменет за самохрани мајки) со цел да им помогне во процесот користење на можности (субвенции и други воспоставени модели на институционална поддршка) при наоѓање работа и отворање сопствен бизнис;
  • Прирачник за (само)вработување – се состои од конкретни чекори, совети, алатки и ресурси во процесот на барање работа и отворање сопствен бизнис.
  • Прирачник за поддршка на ранливи групи при вработување и самовработување (наменет за центрите за социјална работа и организациите кои работат со ранливи групи, со цел да бидат во можност да ги насочат своите корисници во процесот на вработување и само вработување)

*За време на сите активности од проектот обезбедени се услови и стручни лица за чување на малолетни деца.

Други засегнати страни:

Бизнис заедницата – во рамки на проектот ќе се имплементираат активности за соработка со бизнис заедницата која ќе ги усогласи своите политики кон потребите на самохраните мајки, а дополнително ќе даде и можност за вработување на дел од учесничките на проектот. Компаниите кои ќе се вклучат во оваа иницијатива ќе добијат признание/плакета за Општествена Одговорност.

Центри за социјална работа кои преку Заводот за социјални дејности ќе се вклучат во процесот на идентификација на учеснички за програмата, а дел од нивните вработени ќе бидат обучени за поддршка при вработување на ранливи групи како дел од нивната програма за професионален развој.

Show Buttons
Hide Buttons