Влијанието на КОВИД-19: Предизвици, потреби и очекувања на претпријатијата во Северна Македонија

Речиси една година од почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19 во Северна Македонија, а иднината е сѐ уште неизвесна. Иако разните вакцини носат одреден оптимизам, причините за загриженост ги вклучуваат мутациите на вирусот и новите информации од Светската здравствена организација за истрајноста на вирусот во 2021 година. Овој извештај е дел од заедничките напори на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ) да соберат докази како кризата влијае врз деловното работење и одржливоста и да влијаат врз новите економски мерки на Владата за поддршка на потребите на претпријатијата.

Пандемијата негативно влијаеше врз севкупната економска активност во Северна Македонија, каде просечниот раст на БДП изнесуваше 5,3 проценти во првите три тромесечја на 2020 година. Според податоците од Анкетата на работната сила, пазарот на труд покажал одредена отпорност. Стапката на вработеност во третото тромесечје (Т3) изнесувала 54, 1 проценти, додека во првото тромесечје на 2020 година имаше пад на вработеноста на годишно ниво (0,7 процентни поенти пониско отколку во Т3 на 2019 година). Во тој период беа изгубени 13.700 работни места, што претставува 1,8 проценти од вкупните работни места. Стапката на невработеност се намалила во текот на 2020 година, и стигнала до 16,5 проценти во Т3, што е 0,6 процентни поени пониско отколку претходната година. Во едно неодамнешно интервју, Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања изјавил дека Владата спасила околу 80.000 работни места со кризните економски стимулативни мерки.

Неодамна во Северна Македонија беа објавени два извештаи изготвени со поддршка на МОТ. Извештајот за влијанието на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 врз претпријатијата во Северна Македонија ги претставува резултатите од првата анкета на претпријатијата и дава препораки за креаторите на политики, додека брзата процена на МОТ го оценува влијанието на пандемијата врз работните места и одговорите на политиките.

Со техничка поддршка на МОТ, во Северна Македонија беше спроведена втора фаза на анкетата на претпријатијата од октомври до декември 2020 година. Анкетата беше спроведена во електронска форма преку неколку канали, додека анкетниот прашалник беше сличен на прашалникот што се користеше во првата фаза во април-мај 2020 година, за да се овозможи одредена споредба. Целта на анкетата не беше таа да биде репрезентативна во чисто статистичка смисла, туку нејзината цел беше да се соберат колку што е можно повеќе одговори.

Подетални демографски податоци може да се најдат во Прилогот. Најголем број од анкетираните претпријатија биле мали (35 проценти) или микро претпријатија (32 проценти). Повеќето од анкетираните претпријатија (30 проценти) се од производствената индустрија, 15 проценти се занимаваат со други услужни дејност, а 12 проценти се занимаваат со трговија на големо и мало. Анкетата ја пополниле околу 246 претпријатија.

Втората фаза на анкетата е пократка и прашањата се подобро приспособени за проучување на тековната економска состојба и состојбата со пандемијата. Исто така, таа дава побогати податоци од родова перспектива и од перспектива на работењето од далечина. Втората фаза на анкетата ја мери перцепцијата на претпријатијата на нивниот деловен континуитет, финансиската состојба, статусот на работната сила, ефективноста на тековните владини мерки за поддршка и деловното размислување. Одговорите на анкетата биле искористени за да се дефинираат изводливи препораки според потребите на претпријатијата.

 

Целосниот извештај можете да го погледнете на македонски и на англиски јазик.

Show Buttons
Hide Buttons